Ss. Cyril and Methodius University in Skopje Faculty of music - Skopje

м-р Зорица Каракутовска

Редовен професор

м-р Зорица Каракутовска

Хармоника, Камерна музика, Литература за хармоника

email: zorica975@hotmail.com

Зорица Каракутовска е родена 1975 година во Струмица, Македонија. Со свирење на инструментот хармоника започнува на нејзина 8 годишна возраст.

 

Музичко образование:

После завршувањето на основното музичко училиште за инструментот хармоника своето средно образование го продолжува во Средното Музичко Училиште “Д-р Војислав Вучковиќ” во Белград, Србија. За време на средното училиште Зорица е добитник на голем број награди на престижни натпревари по музика (една од нив е освоеното прво место во трета категорија на 30-от Државен натпревар на ученици и студенти по музика одржан 1993 година).

После завршувањето на средното образование своите студии по хармоника ги започнува и завршува на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје во класата на Проф. Војин Васовиќ.

Во јануари 2004 година станува Магистер по музика.

 

Работно искуство: 

Од 2002 година, Зорица работи како професор по хармоника и камерна музика на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје.

Со педагошка дејност започнува во 1995 година во Музичко Балетскиот Училишен Центар “Илија Николовски-Луј” Скопје.

Од тогаш па до денес, нејзините ученици и студенти се добитници на повеќе од 130 престижни награди на сите државни и многу интернационални натпревари (нејзиното трио во состав хармоника и ударалки го освои 3-тото место во категоријата за камерна музика на “Светскиот куп 2002” одржан во Копенхаген-Данска; нејзиниот студент Зоран Кирјаковски го освои 3-тото место во категоријата за клавирска хармоника на “Светскиот куп 2004” одржан во Понтарлиер-Франција; 3 пати, 2004, 2006 и 2008 година, ученик од нејзината класа е добитник на наградата “Климентина Рафајловска” за најдобар инструменталист во својата генерација; 3 пати, 2002, 2005 и 2008 година, нејзините ученици и студенти се добитници на ГРАНД ПРИ наградата на Државниот натпревар за ученици и студенти по музика; 2 пати нејзин ученик ја освојува наградата која Европската Унија на Музички натпревари за млади ја доделува на најдобриот изведувач на натпреварот “Охридски бисери” и други).

Од плодната соработка со своите студенти произлегуваат многу успешни изведби на концертните подиуми во земјата и странство (Србија, Чешка, Бугарија, Финска, Франција, Италија и др)

Зорица е Претседател на Асоцијацијата на хармоникашите “Љубители на класичната музика” Скопје која е членка на Светската Унија на хармоникашите (Confederation Internationale des Accordeonistes /CIA/, членка на Интернационалниот Музички Совет на УНЕСКО), член на Музичкиот комитет во Светската Унија на хармоникашите и член во Здружението на музичките и балетски педагози од Република Македонија.

Во последните 4 години Зорица е добитник на годишната награда за најдобар педагог во областа на музичката педагогија која ја доделува Здружението на музичките и балетски педагози од Република Македонија (член на Европската Унија на Музички натпревари за млади).

 

Концертна активност:

Зорица е сеуште активна на концертната сцена. Како изведувач има настапувано на сите престижни манифестации во Македонија: “Охридско лето”, “Скопско лето”, “Штипско културно лето” и други.

Постојан соработник е на Македонската Филхармонија.

 

Членување во жири комисии: 

Почнувајќи од 2000-та година кога Светкиот куп за хармоника се одржа во Крагујевац (Србија), Зорица е член на Интернационалното жири на овој најпрестижен натпревар за инструментот хармоника. Следуваат Светските купови одржани во: Лондон (Англија-Велика Британија) 2001 година, Копенхаген (Данска) 2002 година, Штурово (Словачка) и Естергом (Унгарија) 2003 година, Понтарлиер (Франција) 2004 година, Кастело Бранко (Португалија) 2005 година и Глазгов (Шкотска-Велика Британија) 2008 година.

Член е на интернационалните жири комисии и на следниве натпревари: 2-от, 4-от, 6-от и 8-от Интернационален натпревар за млади музичари “Охридски бисери” Охрид, Светските трофеи за хармоника одржани во Сараево (Босна и Херцеговина) 2008 година и Албуфеира (Португалија) 2009 година, како и на Интернационалниот натпревар “Хармоникашка пролет 2003” во Пловдив (Бугарија).

Од 1995 година Зорица е член на сите државни натпревари по музика како за инструментот хармоника, така и за камерна музика.