Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Факултет за музичка уметност - Скопје

м-р Бисера Чадловска

Доцент

м-р Бисера Чадловска

Вокално студио

Во 1996 година ги започнала студиите по оркестарско диригирање на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Фимчо Муратовски. Во 2001 година дипломирала на Одделот за оркестарско диригирање со концерт на Македонската филхармонија. Постдипломските студии ги продолжила во Софија, на Државната музичка академија „Панчо Владигеров“, во класата на проф. Пламен Џуров, каде што магистрирала со највисоки оценки.

По завршувањето на образованието, Бисера Чадловска почнува да работи како хор-мајстор во Македонската опера и балет, а набргу потоа како асистент диригент и диригент на голем дел од оперските и балетските претстави на репертоарот на МОБ. Својата прва оперска премиера „Таен брак“ од Доменико Чимароза ја изведува на отворањето на Скопско лето во 2005 година. Како резултат на работата на оваа опера, Бисера Чадловска е добитник на стипендија од CEE Eastern Musiktheater, фондација која стипендира млади оперски уметници во Источна Европа. Во 2006 година, станала диригент првенец на Македонската опера и балет. За време на нејзината 17-годишна работа како диригент, остварува голем број на премиерни изведби на оперски и
балетски претстави и концерти. На сцената на Македонскиот народен театар, како диригент го поставува првиот лиценциран мјузикл изведен во Македонија, мјузиклот „Чикаго“. По огромниот успех на овој мјузикл, ангажирана е да работи и на мјузиклот „Мама миа“, исто така во продукција на Македонскиот народен театар. Настапувала со оркестарот на Македонската филхармонија, Сараевската филхармонија, оркестарот на операта во Темишвар, Романија, Државните опери во Пловдив и Варна, Р Бугарија. Во периодот 2017 – 2020 година е уметнички раководител на Операта при Националната опера и балет.
Репертоарот на диригентката Бисера Чадловска е разновиден и брои огромен број концерти, оперски и балетски претстави. Дел од нив се следните: Џ. Верди: „Травијата“, „Набуко“, „Риголето“, „Моќта на судбината“, „Магбет“,
„Аида“; Џ. Пучини: „Турандот“, „Тоска“, „Мадам Батерфлај“, „Боеми“, „Плаштот“; Ж. Бизе: „Кармен“; Џ. Росини: „Севилскиот бербер“, „Пепелашка“, „Италијанка во Алжир“; В.А. Моцарт: „Волшебната флејта“, „Дон Џовани“, „Бастиен и Бастиена“; Г. Доницети: „Лучија Ди Ламермур“, „Дон Пасквале“, „Рита“; Р. Леонкавало: „Паљачи“; П. Маскањи: „Кавалерија рустикана“; Б. Бритн: „Свртување на штрафот“; Ј. Штраус: „Лилјакот“; Ф. Лехар: „Веселата вдовица“; И. Калман: „Војвотката на чардашот“; К.Орф: „Кармина Бурана“; Д. Чимароза: „Таен брак“; А. Землински: „Џуџето“; Џ. Меноти: „Старата мома и крадецот“; Ј. Хајдн: „Апотекарот“; К.В. Глук: „Орфеј и Евридика“; Е. Хумпердинк: „Јованче и Марика“; П.И. Чајковски: „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“, „Ана Каренина“; А. Адам: „Жизел“, „Корсар“; Ч. Пуњи: „Есмералда“; Н. Римски Корсаков: „Шехерезада“; Л. Минкус: „Дон Кихот“; А. Глазунов: „Рајмонда“; М. Де Фаља: „Огнени градини“.