Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Факултет за музичка уметност - Скопје

Практични предавања со реномираниот кореограф Игор Киров

Објавено на: 04 ноември 2014

Во периодот од 9-ти до 24-ти ноември 2014, на Факултетот за музичка уметност - Скопје, на насоката за современ танц ќе биде ангажиран реномираниот кореограф Игор Киров. Тој во рамки на предметот популарни танци ќе одржи серија практични предавања на тема модерни техники, креирање на сопствен начин на танцово изразување и ќе работи на поставување на танцова композиција која ќе биде јавно презентирана на крајот од зимскиот семестар. Со ова катедрата за балетска педагогија при Факултетот за музичка уметност - Скопје прави напор за интегрирање на најновите сознанија во делот на модерната изведба и нивна полесна достапност за студентите. При тоа базичната програма се збогатува со нови и актуелни информации од даденото поле и се врши актуелизација на најновите танцово-кореографски трендови.
Игор Киров во својот професионален пат бележи исклучително успешна кариера не само како изведувач, туку и како автор и во последно време едукатор. Неговата едукација е поврзана со референтната Ротерданска академија за модерен танц, Холандија. Тој е најистакнатиот претставник на македонската модерна танцова култура надвор од границите на Република Македонија и својата играчка кариера ја поврзува со над десет ансамбли во Германија, Швајцарија, Австрија, Белгија и Холандија, каде работи со голем број значајни кореографски имиња. Во 2007 започнува сопствена кореографска кариера при што е ангажиран од трупи во САД, Австрија, Германија, но прави и две кореографии за балетскиот ансамбл во МОБ. За својата креативна работа е награден во Кина, Шпанија, Србија и на реномираниот балетски натпревар Џексон во САД. Како визитинг професор работи на повеќе танцови академии во Германија, Холандија, Австрија, Србија.