Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Факултет за музичка уметност - Скопје

Свеченост по повод почетокот на новата академска 2019/2020 година

Објавено на: 02 октомври 2019

На 1 октомври 2019 година во Концертната сала на Факултетот за музичка уметност – Скопје со почеток во 10 часот се одржа свеченоста по повод почетокот на новата академска 2019/2020 година, првиот академски час и доделувањето на индекси на новозапишаните студенти.
Свеченоста започна со интонирање на химните „Денес над Македонија се раѓа“, Студентската химна “Gaudeamus” и „Свечената песна за св. Кирил и Методиј“ во изведба на Хорот „Драган Шуплевски“ на Факултетот за музичка уметност – Скопје под диригентско водство на Магдалена Кочоска, студент на трета година оркестарско диригирање во класата на проф. м-р Сашо Татарчевски.
Поздравна реч одржаа проф. м-р Живко Фирфов, декан на Факултетот за музичка уметност – Скопје и проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. На свеченоста присуствуваше и проф. д-р Биљана Ангелова, проректор за финансии, инвестиции и развој.
Следеа солистички и камерни настапи на студентите од инструменталните оддели на ФМУ – Скопје со следната програма:
(1) Франсис Пуланк: Соната, I Allegro tristamente (Allegretto - Très calme - Tempo allegretto) во изведба на Анел Селим – кларинет (втора година) во класата на проф. м-р Стојан Димов, и м-р Билјана Петровска – пијано, уметнички соработник;
(2) Ејтор Вила-Лобос: Bachianas Brasilierass N5, Аria во изведба на Марија Јанчулеска – виолина (четврта година) во класата на проф. м-р Љубиша Кировски и Георги Трајков – гитара (апсолвент) во класата на вонр. проф. м-р Дарко Багески;
(3) Франсис Пуланк: Соната за пијано за 4 раце (1918), I Prélude, II Rustique, III Final во изведба на Софија Просковска и Стефан Алексовски (трета година) во класата на вонр. проф. д-р Кристина Светиева;
(4) В.А. Моцарт /А. Володос: Турски марш во изведба на Давид Велков – хармоника во класата на проф. м-р Зорица Каракутовска.
На нашите бруцоши им го честитаме полагањето на приемните испити и запишувањето на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Им пожелуваме голем успех во школувањето, да студираат со задоволство и интерес, совесно и одговорно кон себеси и кон избраната професија. Добредојдовте на Факултетот за музичка уметност – Скопје.

(Фотографии: УКИМ 5-19 и ФМУ 1-4, 20-22)