Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Факултет за музичка уметност - Скопје

Концерт по повод 53 години од основањето на Факултетот за музичка уметност – Скопје и свечена промоција на дипломираните студенти

Објавено на: 03 декември 2019

На 7 декември оваа година (сабота) во Концертната сала на НУ Филхармонија на РС Македонија со почеток во 20 часот ќе се одржи свечен концерт по повод 53 години од основањето на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Факултетот за музичка уметност во Скопје е првата високообразовна и научна установа од областа на музичката уметност и балетската педагогија во Македонија во која досега дипломирале, магистрирале и докторирале над 3000 студенти. На концертот ќе настапи Симфонискиот оркестар на ФМУ сочинет од студенти на додипломски и последипломски студии на ФМУ – Скопје. Во концертната програма ќе учествува и Хорот „Драган Шуплевски“ на ФМУ, кој го подготви проф. м-р Сашо Татарчевски. 

Со настапот на оркестарот и хорот ќе раководи маестро проф. м-р Борјан Цанев во чијашто богата уметничка кариера е долгогодишното раководење со Македонската филхармонија и концертите со познатите светски оркестри и реномирани солисти.  На концертот ќе се претстават и студентите по оркестарско диригирање: Ана Спасовска и Бехар Весели од класата на проф. м-р Борјан Цанев, и Магдалена Кочоска од класата на проф. м-р Сашо Татарчевски.

На програмата се Увертирата од операта Грабнување од сарајот, Ave verum corpus, Tantum ergo B-dur и Симфонијата бр. 31 D-dur „Париска“ од Волфганг Амадеус Моцарт.

Влезот на концертот е слободен.

Свечената промоција на дипломираните студенти на прв и втор циклус студии на ФМУ ќе се одржи на 6 декември 2019 година (петок) во Концертната сала на Факултетот за музичка уметност – Скопје со почеток во 13 часот.