Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Факултет за музичка уметност - Скопје

Свечено одбележан Денот од основањето на Факултетот за музичка уметност – Скопје

Објавено на: 13 декември 2019

На 6 декември 2019 година, Денот на основањето на Факултетот за музичка уметност – Скопје, во Концертната сала на ФМУ се одржа промоција и свечено доделување на дипломите на дипломираните студенти од прв и втор циклус студии.

На 7 декември 2019 година во Концертната сала на НУ Филхармонија на РС Македонија се одржа свечено одбележување на 53 години од основањето на Факултетот за музичка уметност – Скопје со концерт на Симфонискиот оркестар и Хорот „Драган Шуплевски“ на ФМУ. Делата од Волфганг Амадеус Моцарт прозвучеа под диригентска палка на проф. м-р Борјан Цанев (Симфонија бр. 31 D-dur „Париска“) и студентите по оркестарско диригирање на ФМУ Ана Спасовска (Увертира од операта Грабнување од сарајот) и Бехар Весели (Ave verum corpus) од класата на проф. м-р Борјан Цанев и Магдалена Кочоска (Tantum ergo B-dur) од класата на проф. м-р Сашо Татарчевски. Хорот го подготви проф. м-р Сашо Татарчевски. Солист на концертот (во делото Tantum ergo) беше сопранот Мартина Нанеска, студент на втор циклус студии во класата на доц. м-р Ана Дурловски.

На свеченостите беа интонирани Државната химна на РС Македонија „Денес над Македонија се раѓа“, Студентската химна “Gaudeamus” и „Свечената песна за св. Кирил и Методиј“ во изведба на Хорот „Драган Шуплевски“ на ФМУ под диригентско водство на Магдалена Кочоска.