Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Факултет за музичка уметност - Скопје

IN MEMORIAM – проф. Благој Цанев

Објавено на: 27 јули 2020

Факултетот за музичка уметност – Скопје изразува големо жалење по повод смртта на својот долгогодишен професор, истакнатиот македонски композитор и музички педагог проф. Благој Цанев.

Благој Цанев е роден во Свети Николе на 8 август 1937 година. Својата желба за професионално занимање со музиката ја реализира на Факултетот за музичка уметност (тогаш Високата музичка школа), во 1970 година станувајќи прв дипломец на нашава институција на одделот за музичка теорија и педагогија (тогашен наставно-теоретски оддел). Во 1979 година го заокружува своето композиторско образование во класата на академик проф. Властимир Николовски.

Благој Цанев е еден од најзначајните и најистакнати музички педагози во Македонија. Неговата педагошка дејност најпрво се одвиваше во Нижото и Средното музичко училиште во Скопје, кадешто предаваше стручно-теориските предмети (солфеж, теорија на музиката, хармонија, хорско диригирање). Стекнатото искуство понатаму му овозможи да ја продолжи својата работа на Факултетот за музичка уметност – Скопје како професор по солфеж и методика на музичка настава и ментор на магистерски студии. Своето богато искуство Благој Цанев редовно го споделувал на бројни стручни семинари и советувања на наставниците. Благој Цанев е автор на голем број учебници и работни тетратки по музичко образование и солфеж за различни образовни нивоа, дел од кои се преведени на албански и турски јазик, како и на теориски трудови презентирани на научни конференции и објавени во стручни списанија и зборници.

Композиторскиот опус на Благој Цанев го сочинуваат дела во различни жанрови. Меѓу оркестарските композиции се издвојуваат Симфонија ‘79, како и повеќе дела за гудачки оркестар („Секвенци“, „Ленто“, „Ала валс“, „Пасакаља и пајдушка“) и трите концертни ставови за пијано и гудачки оркестар. На репертоарот на изведувачите се и неговите камерни композиции: Соната in Es за кларинет и пијано, Гудачки квартет in G, суита „Фолклорни канони“ за дувачки квинтет. Една од најомилените кај изведувачи и слушатели е суитата „Овчеполка“ за пијано инспирирана од фолклорот на неговиот роден крај. Ориентацијата на фолклорот претставува трајна творечка определба на Благој Цанев, при што композиторот тежнее кон класични формални и жанровски модели. Делата на Благој Цанев се изведуваат на концертните подиуми во Македонија и други земји.

За својата професионална и општествена дејност Благој Цанев е добитник на државните награди „11 Октомври“ и „Климент Охридски“, како и наградите на Сојузот на композиторите на Македонија „Панче Пешев“, „Трајко Прокопиев“ и др.

Кај вработените и студентите на Факултетот за музичка уметност – Скопје проф. Благој Цанев ќе остане запамтен со својата исклучителна посветеност на професијата, несебично споделување на големото знаење и искуство, ретка прецизност и дисциплина во работата, принципиелност и доследност. Неговиот лик и дело оставија траен белег на Факултетот за музичка уметност – Скопје и се неизоставен дел на македонската музичка култура.

Факултет за музичка уметност – Скопје