Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Факултет за музичка уметност - Скопје

IN MEMORIAM – проф. Душка Тасеска

Објавено на: 04 декември 2021

Факултетот за музичка уметност – Скопје изразува големо жалење за смртта на својата долгогодишна професорка, втемелувачката на високообразовната настава по виолончело, истакнатата македонска виолончелистка и педагог проф. Душка Тасеска.

Душка Тасеска е родена во Прилеп на 25 јули 1938 година каде што започнува со основното музичко образование. Со средното музичко образование продолжува во Скопје кај проф. А. Шалевски, а во 1964 година дипломира на Музичката академија во Загреб во класата на проф. Р. Матц. Последипломските студии ги завршува на Интернационалната академија École Normale de Musique во Париз во класата на Е. Папаставру во 1968 година. Уште во текот на студиите Душка Тасеска почнува да развива успешна уметничка кариера, членувајќи во познати оркестри и настапувајќи како солист, а во 1970 година ја почнува својата работа на Факултетот за музичка уметност – Скопје (тогашната Висока музичка школа). Од особено значење за развојот на уметноста и педагогијата на виолончело беше нејзината соработка со реномираниот виолончелист Андре Навара на кого му беше асистент на ФМУ во периодот 1972–75 година. Во класата по виолончело на проф. Душка Тасеска дипломирале голем број значајни уметници и наставници кои работат во Македонија и надвор од неа.

Богатата уметничка кариера на Душка Тасеска брои настапи на концертните подиуми во Македонија, поранешна Југославија, повеќе европски земји. Покрај солистичките рецитали, Душка Тасеска настапувала со Македонската филхармонија, Македонскиот камерен оркестар и ансамблот „Св. Софија“, соработувајќи со истакнати пијанисти и диригенти. Душка Тасеска има реализирано повеќе снимки за Македонска радио-телевизија. Нејзините интерпретациски дострели беа високо вреднувани од публиката и стручната критика.

Опширниот репертоар на Душка Тасеска ги опфаќа значајните дела за виолончело меѓу кои бројни концерти и сонати од „железниот репертоар“ за овој инструмент, како и дела на македонските композитори Р. Аврамовски, С. Голабовски, В. Николовски, М. Николовски, Т. Прошев, С. Стојков.

За својата разнострана дејност проф. Душка Тасеска е добитник на Наградата „11 Октомври“, Наградата „Климент Охридски“ и Наградата „13 Ноември“.

Вработените и студентите на Факултетот за музичка уметност – Скопје ќе ја памтат проф. Душка Тасеска како врвен професионалец – уметник и педагог, одговорна и доследна со своите ставови. Нејзиниот лик и дело се неизоставен дел од дејноста на Факултетот за музичка уметност – Скопје и засекогаш ѝ припаѓаат на музичката култура на Македонија.

Факултет за музичка уметност – Скопје