Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Факултет за музичка уметност - Скопје

Симфониски оркестар на ФМУ

Симфонискиот оркестар на ФМУ - Скопје го сочинуваат студенти на додипломски и последипломски студии и како таков, низ своето досегашно постоење тој бележи постојан квалитативен растеж. Во низата проекти на овој ансамбл се премиерите на капиталните дела од светскиот симфониски репертоар („Посветување на пролетта“ и “Петрушка“ од Стравински, „Сликарот Матијас’’ од Хиндемит, „Планетите’’ од Холст, Шеста симфонија од Шостакович и многу други), но и од редица современи македонски композитори како Бужаровски, Зографски, Манчев, Прошев и други.

Оркестарот неколкупати ја сочинуваше основата на Интернационалниот симфониски оркестар на ФМУ, а со него диригирале уметниците Михаел Луиг, Тим Чашел и Патрик Штруб од Германија, Вилијам Ребер од САД, како и Александар Ведерников, шеф-диригент на Бољшој Театарот од Русија. Значаен проект е заедничкиот настап со МФ на фестивалот “Охридско лето’’ 2001 год. под диригентска палка на Леонид Николаев (Русија) со делата “Скитска суита’’ од Прокофјев и “Поема екстаза’’ од Скрјабин. На “Охридско лето’’ 2002 год. оркестарот за прв пат имаше самостоен концерт под диригенство на Станко Шепиќ (СРЈ).

Четириесетгодишниот јубилеј на ФМУ во 2006 год. е одбележан со извонредниот настап на оркестарот и маестро Симон Трпчески, под диригенство на Саша Николовски-Ѓумар со делата Симфонија бр.8 од Дворжак, Концерт за пијано од Сен Санс и “Ламентозо’’ од Прошев. Симфонискиот оркестар заедно со хорот “Драган Шуплевски’’ и солистите на ФМУ-Скопје, секоја година се дел од уметничката програма за свеченостите по повод 24 Мај - Денот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј’’ - Скопје.