Ss. Cyril and Methodius University in Skopje Faculty of music - Skopje

м-р Зоран Пехчевски

Редовен професор

м-р Зоран Пехчевски

Пијано, Камерна музика

email: zoranpehcevski@gmail.com

Зоран Пехчевски е роден на 22.11.1961 година во Скопје, Република Македонија. Основното и средното музичко образование ги добил во МБУЦ “Илија Николовски-Луј” во Скопје, во класата на професор Гордана Бачовска, а класичното образование во Гимназијата “Орце Николов” во родниот град. Во 1987 год. дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Бранко Цветковиќ.

За време на школувањето, на републичките натпревари во 1978 и 1980 година освоил први награди и учествувал на тогашните сојузни натпревари во Белград и во Загреб, каде реализирал забележителни настапи, а како студент – претставник на скопскиот ФМУ силен впечаток оставил неговиот настап на Меморијалот “Дарко Лукиќ” во Осиек – Хрватска.

Во 1987 година се вработил како наставник по пијано во МБУЦ, каде се стекнал со солидно педагошко искуство.

Во 1991 година се запишал на постдипломски студии по пијано под менторство на проф.Борис Романов.

Постдипломските студии ги завршил успешно, со оценка 10 и се стекнал со звањето магистер по пијано. Пијанистичкиот израз Зоран Пехчевски го усовршувал земајки активно учество на бројни меѓународни семинари и мајсторски школи кои, под раководство на проф.Борис Романов, се одржувале во Скопје, Охрид и Пловдив – Бугарија.

Во 1995 година е избран за помлад асистент по пијано на ФМУ и во тој период особено  се интензивира соработката со проф. Романов, па тој зема активно учество во подготвувањето и реализирањето на многубројните концертни програми на класата. Неговиот придонес е изведување на оркестарските делници на 24 различни дела за пијано и оркестар што ги има остварено во многубројните настапи (концерти, испити, аудиции) на студентите и постдипломците.

Во 1998 година е избран за соработник по предметот пијано во звањето асистент

Во 2001 година е избран за наставник по пијано во звањето доцент, а во 2006 година наставник по пијано во звањето вонреден професор. Концертната активност е пред се поврзана со потребите и дејствувањето во рамките на Факултетот за музичка уметност, а   како успешни се забележани  неговите настапи, солистички (серија рецитали во повеќе градови низ Р.Македонија, 1994 год.) и ансамблови (Интерфест, 1995 год.).

Имал повеќегодишна соработка со Симон Трпчески на многубројни настапи на концерти, кои наидувале на одличен прием кај публиката.

Во контекст на концертното презентирање и афирмирање на музиката од македонските автори, треба да се споменат праизведбата на свитата за две пијана “Сите тие танци” од Димитрие Бужаровски во Скопје и во Пловдив – Бугарија (со Симон Трпчески) и двете изведби на  “Соната за две пијана” од Томислав Зографски на авторските концерти одржани во 1994 и 1999 год. (со Јован Каровски), на фестивалот Охридско лето.