Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Факултет за музичка уметност - Скопје

м-р Мојца Седеу

Редовен професор

м-р Мојца Седеу

Удирачки инструменти

email: mojca_sedeu@hotmail.com

Мојца Седеу е родена 1970 год. во Скопје, каде го завршила нижото музичко образование на отсекот пијано. Средното музичко училиште го завршува на два оддела: инструментален и наставно-теоретски, во МБУЦ-Скопје и добива диплома „Континуиран одличен успех” по сите наставни предмети и проширени знаења во областа на наставно теоретските предмети и ударни инструменти. Во 1993 Седеу дипломира на ФМУ-Скопје со највисока оцена десет (10), на вокално инструменталниот оддел-удирачки инструменти. Во 1995 год. ги завршува специјалистичките студии на солистичко свирење удирачки инструменти на ДМА-Софија во класата на проф. д-р Добри Палиев. Афинитетот кон камерното музицирање ја поттикна Седеу да ги заврши и специјалистичките студии по камерна музика во 1997 год. Постдипломските студии запишани на Државната музичка академија во Софија ги завршува во 1998 год. каде стекнува академски степен Магистер.

Добитник е  на највисоката награда на интернационалниот натпревар за инструменталисти и  композитори „Музиката и Земјата” и специјална награда за  интерпретација, од Здружението на композиторите на Бугарија 1998 год. Истата година Седеу добива признание „Високо професионална презентација” на изложената тема „Камерна музика за ударни инструменти” Performing Arts Resource Center-Skopje-MULTIMEDIA. Во 2001 год. интернационалниот конкурс „Проф. д–р Добри Палиев – Проф. д–р х.к. Зигфрид Финк” Р. Бугарија, ѝ доделува признание-„Одлична педагошка работа”. Во 2006 год. добитник е на наградата „Ѓеорги Божиков” доделена од Сојузот на композиторите на Македонија, за изведувач.

Мојца Седеу како еден од најактивните музичари на нејзината генерација, се докажа себеси како водечки перкусионист во Македонија. Повеќе автори инспирирани од нејзината креативна изведба посветиле дела за удирачки инструменти. Како изведувач, има остварено бројни снимки за радио и ТВ станици. Учествувала во проекти заедно со Heinz von Moisy, Rey Charles, Rhani Krija, Теодосиј Спасов, Tavitjan Brothers, Калиопи...

Првите  оркестарски искуства ги стекнува на 16 годишна возраст, во Градскиот дувачки оркестар - Скопје. Соработувала со повеќе оркестри: Танцовиот Оркестар на МРТВ, Македонската Опера, Софиска Филхармонија, Радио Симфониски Оркестар - Софија, Градски Оркестар - Софија, Војводинска Омладинска Филхармонија, Симфониски Оркестар на ФМУ, Младински Оркестар МММ, Оркестар „Банки”-Р.Бугарија, Битолски Камерен Оркестар, Оркестар „Московија”, Балканска Филхармонија, Камерен Оркестар на МФ, Косовска Филхармонија, Меѓународен Симфониски Оркестар, ансамбл за современа музика „Алеа”, ансамбл „Полиритмија”...  Од 1993 год. до денес, Седеу е тимпанист водач на Македонската Филхармонија. Во последните две децении, како оркестрант има реализирано над 400 концерти.

Мојца Седеу е активна и како солист, и има остварено бројни настапи на реномирани фестивали и манифестации: „Денови на Македонска Музика”, „Охридско Лето”, „Есенски Музички Свечености”, „Скопско Лето”...  како и концерти во Хрватска, Бугарија, Канада, Германија, Англија...

Проф. м-р Мојца Седеу од 1998 година предава на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот ”Св. Кирил и Методиј” во Скопје (удирачки инструменти, камерна музика и оркестарски делници), за додипломските и постдипломските студии. Од 2006 година Седеу предава и на Факултетот за музички уметности при Универзитетот во Приштина (удирачки инструменти, камерна музика, методика, А виста).

Низ нејзините  различни музички и педагошки активности, таа секогаш ја покажува својата заложба за растење на перкусионистичката уметност, за одличната изведба и за воспоставување на силен контакт помеѓу различните учесници инволвирани во перкусионистичките полиња.

Како  промотор на иновативно перкусионистичко истражување, креативна работа, изведба, педагогија и интернационална културна соработка,  во 1998 год. Седеу е основач и уметнички раководител на ансамблот за удирачки инструменти „Сонант”, формиран со истакнати перкусионисти од нејзината класа на ФМУ-Скопје, добитници на повеќе меѓународни награди и признанија:

Yamaha „music fondation of Europe“ 2001, II награда IX меѓунар. конкурс „Музиката и Земјата“ Софија  2001, специјална награда „Жан Бернар Бошан“ Софија 2001, I награда конкурс „Проф.д–р Д. Палиев-Проф. д–р х.к. З.Финк” Р.Бугарија 2001,специјална награда на меѓународен натпревар „ММД” Софија 2001, III награда–IX меѓународен конкурс „Музиката и Земјата” Р. Бугарија 2001, две I-ви награди на 41–ви национален натпревар V кат. 2003, специјална награда на 41–ви национален натпревар V кат. 2003, две I-ви награди на 41–ви национален натпревар VI кат. 2003,специјална награда „Марица Изток“ XI меѓунар. конкурс Софија 2003, II награда – XI меѓународен конкурс „Музиката и Земјата” Р. Бугарија 2003, специјална награда на 13–ти меѓунар. конк. „Музиката и Земјата“ Софија  2005, I награда на 44–ти национален натпревар V кат. 2006, II награда на 44–ти национален натпревар VI кат. 2006, I награда на 44–ти национален натпревар VI кат. 2006, специјална награда 15–ти меѓунар. конкурс „Музиката и Земјата“ Софија 2007,  специјална награда на 46–ти национален натпревар IV кат. 2008, II награда на 47–ми национален натпревар VI кат. 2009, II награда на 47–ми национален натпревар V кат. 2009, I награда на 47–ми национален натпревар V кат. 2009, специјална награда на 47–ми национален натпревар VI кат. 2009, специјална награда на 47–ми национален натпревар I кат. 2009, I награда на 47–ми национален натпревар III кат. 2009, II награда на 49–ти национален натпревар III кат. 2011, I награда на 2–ри државен натпревар на млади музичари I кат. 2011, II награда на 2–ри државен натпревар на млади музичари I кат. 2011, I награда на 2–ри државен натпревар на млади музичари пред кат. 2011,специјална награда на 2–ри државен натпревар на млади музичари III кат. 2011,Laureate I International Competition "Lake Pearls" – Struga VI кат. 2011, Laureate III  International Competition "Lake Pearls" – Struga III кат. 2011, Laureate III  International Competition "Lake Pearls" – Struga IV кат. 2011, I награда на 2-ри меѓународен натпревар “КМК“ - III кат. 2011.

 

Мојца Седеу е активна во дејности од поширок интерес:

  • Демонстратор на „Bach Percussion Seminar” Грожњан–Хрватска 1997 год.
  • Лидер на меѓународниот семинар по ударни инструменти „Percussion Meeting in Macedonia” 1998 год.
  • Постојан член на „Percussion Arts Society“ од 1998 год.
  • Член на жири комисија на интернационалниот конкурс за перкусионисти „Проф. д-р Д.Палиев-Проф. д-р х.к. З. Финк” Р.Бугарија 2001 год.
  • Постојан член и председател на жири комисија на Државните натпревари на ученици и студенти по музика од 2003 год.
  • Национален куратор за меѓународна културна соработка во циклусот концерти „Нова Сцена”    Министерство за култура на Р.М. 2003-04 год.
  • Член на стручен тим од Бирото за развој на образованието 2008-2011 год.