Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Факултет за музичка уметност - Скопје

За Факултетот за музичка уметност

Факултетот за музичка уметност – ФМУ е јавна високообразовна установа која врши високообразна, научно-истражувачка, уметничка и применувачка дејност од областа на музичката уметност. ФМУ својата дејност ја врши во состав на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.

ФМУ својата дејност ја извршува во свој објект лоциран на ул: Питу Гули бб во Скопје, веднаш до Камен Мост на левата страна од Вардар. Објектот со вкупна површина од 1546 м2, располага со 10 предавални, 2 концертни сали, 16 кабинети за индивидуална настава и 4 аудио-видео лабаратории.

ФМУ располага со голем инструментариум и технички инвентар потребен за успешна реализација на својата образовна и научна дејност: преку 30 клавири, 3 синтисајзери, клавичембало, широк спектар на ударни инструменти, 3 телевизори, 11 компјутери, графоскоп, 10 Цд плеери, 3 ДВД плеери, 2 ЛЦД проектори, 2 дигитални камерни, филмска камера, дигитален аудио процесор, видео миксер, 11 микрофони, 25 рефлектори, 2 димери, 3 аудио миксери и друга опрема. ФМУ располага со своја библиотека со читална, компјутер и аудио опрема.

На ФМУ наставата ја изведуваат наставници и соработници кои се во работен однос на ФМУ, но и наставници и соработници кои се вработени во други установи, а се избрани во наставно-научни звања на ФМУ (Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, ДМБУЦ “Илија Николовски Луј“ и др.). Вкупно 50 наставници и 11 соработници работат на ФМУ.

На ФМУ се остваруваат студии по студиски програми за додипломски и постдипломски студии. Во првиот циклус на универзитетските студии овозможени се 27 студиски програми. Образовниот процес на првиот циклус студии трае четири години со осум семестри настава. 

Во рамки на факултетот делува Институтот за истражување и архивирање на музика - ИРАМ. Во архивите на ИРАМ има над 20 000 минути дигитално аудио со македонски фолклор (песни, приказни, обичаи) и над 2000 минути дигитално видео (документарни програми, концерти, хроника на културни настани со 135 кратки филмови). Во рамките на ИРАМ делува Студентско Интернет радио и телевизија, а ИРАМ е и организатор на 16 интернационални конференции.

Во рамки на ФМУ делуваат и повеќе ансамбли како Симфониски оркестар, камерниот оркестар “Солисти на ФМУ“, мешаниот хор “Драган Шуплевски“, народен оркестар и биг бенд. Сите овие ансамбли претставуваат значајни субјекти за културниот живот на Македонија, реализирајќи бројни домашни и меѓународни проекти.

Извештај за самоевалуација 2013-2016.pdf Годишен извештај.pdf Годишен извештај за 2020 година.PDF Статут ФМУ.pdf Самоевалуација ФМУ 2017-2019.pdf Годишен извештај - 2021.pdf