Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Факултет за музичка уметност - Скопје

д-р Кристина Светиева

Редовен професор

д-р Кристина Светиева

Пијано, Камерна музика

email: svetieva_kristina@yahoo.com

Кристина Светиева се истакнува како една од македонските најталентирани млади пијанистки и развива широка концертна дејност. Пијано започнува да учи и да настапува на шест годишна возраст. Дипломира во 2006 год. (со „cum laude“ ) на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Т. Светиев, а магистрира  во 2008 год. (со „cum laude“ ) под менторство на проф. Жени Захариева. Во 2010 година ја завршува својата две годишна специјализација на реномираната музичка академија во Париз „ Schola Cantorum“ под менторство на проф. Жени Захариева. Во 2014 год. докторира на Факултетот за музичка уметност – Скопје, под менторство на проф. Жени Захариева.

 Кристина Светиева успешно настапува на подиумите низ Македонија (“Охридско Лето”, “Скопско Лето”, “Денови на Македонска Музика”) и надвор од земјата (Турција, Италија,Франција, Бугарија, Шведска, Холандија, Хрватска, Чешка, САД).

 Носител е на повеќе високи државни и меѓународни награди и признанија на натпреварите во Италија, Бугарија, Чешка,”Охридски Бисер”, Сан Даниеле, Русалка.

 Меѓу бројните нејзини настапи како позначајни се издвојуваат нејзиното деби со Македонската Филхармонија на седумгодишна возраст, а потоа следуваат низа настапи со истиот оркестар, меѓу кои и праизведбаta на Концертните етиди за пијано и оркестар од македонскиот композитор Борис Светиев, посветени на Кристина Светиева.

 Забележителни се и настапите со оркестарот на Факултетот за музичка уметност, како и учеството на повеќе интернационални музички фестивали меѓу кои: Интернационалниот музички фестивал во Анкара – Турција; Балканскиот Пијанистички Форум во Разград – Бугарија; Интернационалниот музички фестивал во Северен Кипар; Холандски Музички Сесии во Берген – Холандија; Охридско Лето во Охрид – Македонија и фестивалот Златна Лира во Скопје – Македонија.

Исто така има остварено повеќе солистички рецитали во Скопје и низ Македонија , како и во странство, а посебно се истакнуваат нејзините солистички рецитали во Софија, Стокхолм и Париз како и настапот во Њујорк со реномираната првенка на МОБ, сопранот Весна Ѓиновска - Илкова.

Активен учесник е на бројни пијанистички семинари и мајсторски класи каде соработува со бројни еминентни педагози и пијанисти како што се: Н. Штаркман, В. Крпан, А. Португез, Ф. Фолк, П. Донахју, Џ. О’Kонор, М. Ф. Буке, Ф. Турисини, К. Сакаи, А. Лемони, М. Каишиге, Т. Каишиге и сите го одбележуваат нејзиниот исклучителен талент и извонредните изведувачки способности.

 Во моментот работи како вонреден професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје.